Дека македонските евергрини имаат тежина и не се инстант-песни за една употреба е добропозната работа. Не треба голема мудрост за да се констатира тоа. Дека концертите на кои се изведуваат овие песни се магнет за поширока публика, исто така, е познато. Како и тоа дека ваквите концепти се добар рецепт за распродавање концерт.
Македонската опера оваа сезона ја почна со интензивен маркетинг - па имавме „дури“ четири изведби на „Кармина Бурана“ во три месеци, распродадени балетски и оперски продукции... Така беше и со последниот концерт, традиционалниот за Василица, на кој се изведоа македонски евергрини. Билетите се распродадоа неколку дена пред концертот.
Годинашниот програмски концепт за Василица беше многу попрофесионално изработен од минатиот, кога лошо се свингуваше и џезираше. Концептот оперска куќа да изведува популарна музика не е нова работа. Нашата оперска куќа уште лани откри дека со популарни содржини може да ја исполнува салата со публика. И тука нема ништо спорно. Единствена работа за која може да се спори во случајов е фактот дека на сцената на нашата опера во последниве неколку години не се случила добра оперска премиера. И дека репертоарот со години е ист. И дека толку многу оперски наслови чекаат да бидат поставени на нашата сцена. Наместо да се фокусира на пополнување на сериозните програмски дупки во репертоарот, наместо да ја донесе „Метрополитен во живо преку ха-де“, како што тоа го стори Хрватска, на пример, каде што љубителите на операта неколкупати во месецот имаат можност во живо преку голем екран да ги проследат славните оперски продукции, нашата оперска куќа упорно инсистира на популистички концепти за привлекување публика по секоја цена.
Но дури и тоа не мора да е спорно. Ако слушаме по неколку нови оперски наслови годишно, ако има по неколку изведби неделно, а не една месечно, сигурно дека ќе посакаме еднаш во годината да се релаксираме и да уживаме во „Кажи нешто драга“. Вака, и по добро сработениот концерт, остануваат отворени дилемите: Дали по секоја цена треба да се инсистира на популизам? Зошто оперска куќа со сериозни дупки во програмата изведува македонски евергрини? Зошто повторно да не го чуеме Вагнер, па макар и на гала-оперски концерт, ако не можеме во интегрална оперска продукција?
Нашата публика добро ги знае македонските евергрини, па не треба оперската куќа одново да ја запознава со добропознатите шлагери. Си постои Танцов оркестар во МРТВ за тоа. Националната институција треба да ја научи публиката да слуша опера и да подучи дека Верди, освен „Травијата“ и „Аида“, напишал уште 26 други опери, дека постои и еден Рихард Вагнер, чие комплексно творештво отвори нови перспективи во музичко-сценската форма, дека Албан Берг напишал исклучително добра модерна опера „Лулу“... Има толку многу оперски дела што молат да бидат изведени. Операта треба да се фокусира на тоа. Ангелина Димоска
преземено од Нова Македонија
|