Company
Name

Сподели ја страницата

Постирај на Facebook
Светот го слави Фредерик Шопен
Вторник, 05 Јануари 2010 15:56

Полска на 1 јануари годинава официјално го почна одбележувањето на Шопеновата година, по повод два века од раѓањето на славниот композитор и пијанист Фредерик Шопен во куќата во која е роден, во местото Желазова Вола, околу 80 километри надвор од Варшава. Овој настан е само најава за уште 1.200 настани само во Полска или над 2.000 концерти, изложби, филмски проекции и претстави во европски и во светски рамки. Манифестацијата ја отвори министерот за култура на Полска, Богдан Здројевски, а првиот официјален концерт во чест на Шопен ќе се одржи задутре во Варшавската филхармонија заедно со кинескиот пијанист Ланг Ланг. Полските радиостаници веќе почнаа со славење на музиката на романтизмот, а полскиот весник „Политика“ го прогласи Шопен за личност на годината.
 
концерти низ светот


Кон прославата на 200-годишнината од раѓањето на Шопен се приклучуваат повеќе земји од Европа и од светот. На репертоарот ќе се најдат различни културни манифестации од изложби, балет, концерти и пијано-рецитали. Варшава ќе биде домаќин на два специјални роденденски концерта, кои ќе се одржат на 22 февруари и на 1 март, односно на двата хипотетички датума за раѓањето на Шопен. На нив ќе настапат Марта Аргерич, Евгениј Кисин, Даниел Баренбоим, Данг Таи Сон, Иво Погорелич, Герик Олсон.

Варшавската национална опера во мај годинава ќе изведе балет посветен на Шопен во кореографија на Патрис Барт од Париската опера, како перспектива за животот на композиторот во Париз. Во рамките на прославата Париз во март ќе го слави композиторот со серија од 15 рецитали насловени како „Шопен, Европеецот“. Седум дена врвни пијанисти ќе ги изведуваат делата на Шопен по хронолошки ред, на автентични инструменти од времето на Шопен или на нивни копии. Освен тоа, ќе има литературни читања проследени со делата од Шопен, специјална изложба во студиото на композиторот и специјална програма за најмладата публика.

Виена ќе го слави Шопен со изложба посветена на неговите две посети на австрискиот главен град во 1829 и во 1831 година. Изложбата ќе се одржи во април во „Виена хаус дер музик“ и ќе содржи документи, фотографии, постери и писма од различни институции. Виенската прослава на Шопен завршува во септември со фестивал на современа музика.

Во сите институции ќе прозвучи Шопен

Во Рим, во „Академија Национале ди Санта Чечилија“, исто така ќе се организираат концерти посветени на Шопен. Норвешка ќе го прослави раѓањето на композиторот во рамките на Фестивалот на нордиска светлина во јануари и во февруари, а Лондон ќе ги одржи интернационалните пијано-серии во чест на Шопен под наслов „Шопен на 200: Славејќи ја музичката имагинација“.

Годината на Шопен во Кина почна уште во декември со концерт на Ланг Ланг, а ќе продолжи со серија концерти на познати пијанисти. Годината ќе ја заокружи концерт на победникот од 16. интернационален Шопенов натпревар, кој се одржува во Варшава.

Два века балади, полонези и мазурки

Шопен и' припаѓа на групата со најпрепознатливи имиња меѓу големите музички композитори, а неговите дела пополнуваат голем дел од концертниот репертоар на пијанистите од целиот свет. Своето безгрижно детството го поминал во Желазова Вола опкружен со љубов, внимание и едукација од своите родители, Французинот Николас Шопен и Јустина Кшизановска од Полска. Веќе на седумгодишна возраст Шопен ја создал својата прва мала полонеза за пијано. Во 1826 година се запишал на варшавскиот Конзерваториум, каде што учел композиција во класата на Јозеф Елснер.

По успешното школување, Шопен, во 1830 година, непосредно пред Полското ноемвриско востание, заминува од Полска, во која никогаш повторно нема да се врати. По Виена и Штутгарт своето место го наоѓа во Париз, кој станува негов нов дом. Во овој град имал плодна творечка и исполнителска дејност, а држел и часови по пијано.

Во слободното време се дружел со Лист, Менделсон, Берлиоз, Белини, Хилер и со Делакроа. Во неговиот живот важно место и' припаѓа на познатата писателка Жорж Санд, со која живеел од 1838 - 1847 година. Освен што продуктивно влијаела врз неговата работа, Санд се грижела и за кревкото здравје на Шопен, па затоа во одреден период од годината престојувале во Мајорка поради поволните климатски услови. По разделбата со Санд, Шопен заминал на турнеја во Англија и во Шкотска. Но, туберколозата повторно му го влошила здравјето, со што неговиот живот завршува прерано. Шопен умира во Париз во 1849 година на 39 години.

Голем број автори сметаат дека неговата најдобра музика е таа што е исполнета со патриотизам, а која е презентирана на три начини низ неговите балади, полонези и мазурки. Шопеновата музика за пијано има посебен ритмички пулс, кој се истакнува со употребата на рубато, искомбиниран со за тоа време нов хармонски јазик претставен преку хроматски и енхармонски модулации.

Шопен е прв композитор кој напишал балади и скерца како самостојни солистички композиции. Во творештвото на Шопен доминираат композициите за пијано: 3 сонати, 4 балади, 4 скерца, два циклуси по 12 етиди, 24 прелудиуми, 58 мазурки, 20 валцери, 17 полонези, 2 концерти за пијано и оркестар. Освен за пијано, Шопен напишал и соната за виолончело и пијано, пијано трио и неколку соло-песни.
 
(Ј.Ж.П.)
 
 
 
Банер
Банер
Банер
Банер

Кој е Онлајн

Има 15 гости присутни

Посетители:

mod_vvisit_countermod_vvisit_countermod_vvisit_countermod_vvisit_countermod_vvisit_countermod_vvisit_counter
mod_vvisit_counterДенес106
mod_vvisit_counterВчера222
mod_vvisit_counterОваа недела864
mod_vvisit_counterОвој месец1851
mod_vvisit_counterВкупно98197